Да, „Некст Тајм“ го развеа Сонцето од Кутлеш, ама пред да стапи во сила забраната

Дел од медиумите вчера објавија низа пофални текстови за „храброста“ на дуото „Некст Тајм“ и вокалот Стефан Филиповски, кој настапил веејќи го знамето со Сонцето од Кутлеш (Вергина). Се работи за настапот на почетокот на финалната разврска на овогодишното 16. издание на турнирот во мал фудбал „Велгошти 2019“. Објавите наидоа на бројни позитивни реакции, а веењето на Сонцето од Кутлеш од страна на „Некст Тајм“ беше сфатено како пркос кон Преспанскиот договор и забраната за употреба на конкретниот симбол на јавни места и површини.

Иако министерот за локална самоуправа Горан Милевски уверува дека забраната се однесува само на државните  и локалните институции, а членот 6 од Преспанскиот не звучи баш така (принтскрин на крајот од текстот), во случајов со „Некст Тајм“ баш и не може да стане збор за некаков конкретен пркос кон обврската што произлегува од Договорот со Грција. Причината, а што медиумите што објавија заборавија да го наведат, е фактот што настапот на Некст Тајм со знамето се случи на 7 август, пет дена пред да истече рокот од од шест месеци согласно Преспанскиот за повлекување на Сонцето од Кутлеш од јавна употреба. Со други зборови, пет дена пред забраната да стапи во сила на 12 август.

Од друга страна, како доза пркос кон забраната може да се сфати тоа што дуото „Некст Тајм“ сепак вчера сподели дел од овие пофални текстови на својот официјален профил. Згора на тоа, можност да ја покажат „храброста“ веејќи го Сонцето од Кутлеш браќата ќе имаат и токму вечерва, кога со почеток од 21 часот ќе одржат концерт на Калето во Кичево, како што потсети „Фокус“.

- Реклама -