Томор Морина по излегувањето од притвор се врати во Косово.
Поранешниот припадник на ОВК, Морина вчера околу 19 часот влегол во Косово, преку граничниот премин Блаце, јавија косовските медиуми.
Тој не сакал да даде изјава за медиумите, додека неговото семејтво изјавиле дека е во добра здравствена состојба и дека бил добро третиран од властите во Северна Македонија.
Кривичниот суд во земјава, постапувајќи по барањето од Србија преку Интерпол, одлучи дека не се исполнети условите за негова екстрадиција, што беше потврдено и од Врховниот суд.
Српските власти не се задоволни од одлуката на судот во Македонија, според нив со оваа одлука на Северна Македонија, политиката уште еднаш беше ставена над правото и правдата.
„Ова е голем срам за меѓународното право, но тоа е уште поголем удар и голема тага за семејствата на жртвите, кои со децении чекаат правда за своите најблиски. Иако сите потребни придружни докази беа доставени до властите на Северна Македонија, одлуката беше донесена спротивно на вистината и фактите. Србија нема да се откаже од потрагата по сторителите на најтешките дела против човештвото, без оглед на нивното национално или етничко потекло“, се вели во реакцијата на српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ.
Moрина беше уапсен на Блаце, при влез во Македонија, а се товари за злосторства извршени на Косово.