Најавата на градоначалникот на Сарај – Блерим Беџети, дека ќе распишува референдум и жителите на општината ќе одлучеле кој ќе има ингеренции врз кањонот Матка, во случај Владата да му ги одземе, е евтино политиканство, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој на денешниот прес на Беџети беше прозван и дека наводно нудел компромис – да биде урната една од трите дивоизградени платформи на Матка и со тоа работата да била завршена.
„За мене ова е евтино политиканство. Матка е природно богатство и природните богатства припаѓаат на сите граѓани“, вели тој за „САКАМДАКАЖАМ.мк“. „Не можете да ги монополизирате работите; Замислете јас да распишам референдум за реката Вардар или градоначалникот на Гостивар тоа да го направи бидејќи изворот е не неговата територија. Тоа е ресурс кој припаѓа на сите“, вели скопскиот градоначалник.
Решението за кое Шилегов се залага, како што рече, е Градот, Општината и државата заедно да управуваат со кањонот Матка. Тој најави дека работат на законско решение со кое Матка ќе биде институционално заштитена како природно богатство и нема да зависи ниту од волјата на градоначалникот на Скопје, ниту на градоначалникот на Сарај.
Шилегов го адресираше и обвинувањето од Беџети дека барал да биде урната само една дивоградба. Прочитајте ТУКА.