Шведски град со нова мерка: 370 евра казна за тие што ќе питачат без да извадат дозвола, која се плаќа

Ако сакаат да питачат, граѓаните на шведскиот град Ескилстуна ќе мораат прво да извадат дозвола за питачење. Тоа значи дека секој просјак ќе мора уредно да пополни формулар (онлајн или лично во полициска станица) и да плати, по што ќе добие валидна дозвола да проси.

Дозволата ќе треба да се обновува на три месеци, а ќе чини нешто помалку од 23 евра. Питачите што ќе бидат фатени без валидна дозвола, пак, ќе бидат казнети со парична казна во висина од дури 370 евра.

Според Џими Јансон – претставник на градот од редовите на социјалдемократите, мерката, која стапи на сила од 1. август, има за цел да го бирократизира просењето, но и да им отежне на луѓето на улиците да молат за пари.

„Ќе видиме како ќе помине“, вели тој, додавајќи дека системот со дозволи за питачиња би требало да помогне во тоа социјалните служби и локалните власти да се поврзат со луѓето од ранливите категории и бездомниците. Критичарите, пак, велат дека со ваквата мерка се легитимизира просјачењето, а оние кои се приморани тоа да го прават (најчесто Роми од Романија и Бугарија) ги прави уште поранливи.

Јансон не се сложува. „Не го правиме ова за да ги вознемируваме ранливите луѓе, туку за да се позанимаваме со прашањето дали мислиме дека питачењето треба да биде нормализирано во шведскиот модел на социјална држава“, вели тој.

Во изминатите месеци неколку шведски градови го забранија просењето, откако Врховниот административен суд одлучи да ја продолжи забраната за просење во градот Велинге, на југот на Шведска.

 

- Реклама -