Деца, ајде за почеток сосема кус вовед во синтакса. Да видиме што вели науката.
Именската група (синтагма или фраза) претставува неприрошка единица чиј главен дел е именката или некој друг именски збор (заменка, придавка, број). Таа е дел од реченицата и претставува една целинка без прирок (глаголско дејство).
Именската група има центар (или глава) која може да ја претставува целата група, односно може да стои без другите додатоци. Центарот е обично именка, а додатоците се придавки, заменки, броеви.
Ај сега да си го повториме најважното:
1. Центарот на именската фраза е обично именка, а додатоците се придавки, заменки, броеви.
2. Центарот на именската група може да ја претставува целата група, односно може да стои без другите додатоци.
Така вели синтаксата. Едноставно и многу јасно.
Официјалното име на нашата земја, како и официјалните имиња на сите други земји, обично се именски фрази. Некои земји имаат и по две такви имиња (именски фрази), кои се сосема различни една од друга. United Kingdom и Great Britain, на пример. Или Hellenic Republic и Republic of Greece. Тоа не ги обврзува Британците и Грците во секоја пригода да ги употребуваат целите именски фрази – најчесто велат Britain и Greece.
Нашето ново меѓународно име, договорено со Преспанскиот договор, е Република Северна Македонија. На англиски – Republic of North Macedonia. Главата на фразата е зборот Македонија (Macedonia).
Именката Македонија, нашето историско име, е основата на именските фрази со кои и до сега била именувана нашата земја – Народна Република Македонија, Социјалистичка Република Македонија, Република Македонија и Поранешна југословенска република Македонија.
Сосема друго би било кога новото официјално име на нашата држава би било не Република Северна Македонија, туку Република Северномакедонија. Таков проблем сега се јавува при преведувањето на новото име на нашата земја на германски и на скандинавските јазици, ако не се лажам. Јас мислам дека нашето Министерство за надворешни работи треба формално да се обрати до овие земји и од нив да побара да го сообразат преводот согласно со договореното во Преспа, со кованици со кои би се избегнало спојувањето на именката и придавката (официјалниот меѓународен јазик на кој е потпишан и објавен Преспанскиот договор е англискиот).
Како и да е, разбирајќи ја потребата на македонските официјални лица (претседателот, премиерот, министрите и други) повремено да ја изговараат целата именска фраза со која е означено новото официјално име на нашата земја, сакам да им укажам дека употребата само на именката која е центар на фразата – зборот Македонија, значи – не е спротивно на Преспанскиот договор и е сосема логична, имено поради нужноста да се употребуваат синоними, заради избегнување на ова комично, папагалско повторување, кое сега се слуша само кај нас.
Ентитетите кои немаат државно официјално својство – новинарите, уметниците, сите други обични граѓани – немаат никаква обврска да ја изговараат целата именска фраза или забрана да не го употребуваат скратеното име Македонија. Целата именска фраза е запишана во сите нивни идентификациски документи (или допрва ќе биде, во договорениот рок) и со тоа нивната обврска кон Преспанскиот договор и кон Уставот е целосно исцрпена.
Според тоа, дами и господо, другарки и другарчиња, слободно кажувајте си Македонија. Не мора да скандирате, да викате, да се карате меѓу себе. Се разбираме ли?
ПлусИнфо