Кочан истера без апарати, ама не и без инекција

Бизнисменот Сеад Кочан, осуден на 4 години и 8 месеци во случајот „Труст“, синоќа пред полноќ беше спроведен во затворот Идризово на издржување на казната. Како што објавија дел од медиумите, Кочан бил „насила“ приведен од припадници на „Алфите“, иако бил приклучен на апарат за кислород и докторите инсистирале дека има наод за срцева болест.

Меѓутоа, како што информира денеска од Министерството за здравство, Кочан немал потреба од болнички престој. Од Министерството соопштија дека на барање на Кривичниот суд иницирале Комисија да ја ревидира медицинската документација на приватната болница за пациентот, при што од стручниот увид било утврдено дека „пациентот нема апсолутна индикација за болничко лекување“.

Сепак, по првата ноќ помината во Идризово, денеска на Кочан му се слошило. Тој утрово бил прегледан од лекар, при што му било констатиран зголемен крвен притисок, потврдуваат од затворската управа. Поради тоа, превентивно, Кочан добил инекција.

Според директорот на Идризово – Боби Мојсоски, се работи за нормална реакција кај секој човек кој првпат стапнува во затвор.

„Возбуда, стрес, страв, кои вообичаено го покачуваат крвниот притисок кај секој нормален човек во таква состојба. Овие симптоми не се толку изразени кај осудените лица – повратници, на кои не им е првпат да се в затвор, но знае и кај нив да се случи. На осуденикот Сеад Кочан по пристигнувањето му беше покачен притисокот на 180 мерни единици и поради тоа лекар препорача инјекција, исто како и во други случаи, кај други затвореници. Притисокот му се нормализира, тој е во добра и витална кондиција, неговата ситуација се следи. За секој случај, ја земавме целокупната негова здравствена документација од ’Систина‘“, вели тој за порталот „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

Како што објави „Телма“, Кочан синоќа е сместен во приемното одделение и во моментов е под надзор од стручни лица (лекар, социолог, психолог и криминолог) за да се направи проценка на неговата психофизичка состојба. Зависно од нивните проценки, по 5 до 15 дена Кочан ќе биде префрлен на одделение со други затвореници.

 

- Реклама -