Богоев до Милошоски: Нема да молчам, ти си „пироман“ во македонскиот политички и медиумски простор

Меморандумот за соработка склучен меѓу Општина Карпош и Меѓународен Сојуз по својата содржина е општ, без конкретни обврски, само со наведена сфера за евентуална соработка, а по него ниту се планирани, а уште помалку пак реализирани некакви си проекти и активности, пишува градоначалникот на Општина Карпош – Стефан Богоев, одрекувајќи ги обвинувањата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, за негова и вмешаност на општината во случајот „Рекет“.

Меѓутоа, како што се пожали Богоев, тоа не го спречува „Вечер“ веќе додека тој го пишува статусот да ја преземе и надгради лажната вест на Милошоски. Сепак, Богоев продолжува:

„Антонио, не се сите исти. Си ја погрешил адресата на која се обраќаш за пазарење или измена на ДУП-ови по нечии интереси. За овие прашања, како и за криминално финансирање на кампањи, обрати се кај мојот претходник, а ваш коалиционен партнер Стевчо Јакимовски. За овој комплекс прашања, искусни сте и во твојата матична партија, а и ти самиот“, пишува Богоев на Фејсбук.

Тој додава дека нема да молчи и да дозволи неговиот интегритет и угледот на Општината да го загрозуваат „ликови кои се синоним за ширење на лажни вести!“. Во својот статус тој го опишува Милошоски како „пироман кој го опожарува македонскиот политички и медиумски простор“, затоа што мисли дека чадот ќе ги покрие „трагите на децениското пустошење на државата од страна на твоето криминално друштво!“.

„Но, јас нема да дозволам непотпишаните текстови да креираат мислење!“, продолжува Богоев. „Сега сте во обид да ме оцрните мене и Општина Карпош, затоа што претставуваме светла точка, а работиме со ограничени ресурси и милионски долгови. И, познат е методот, ова ќе оди во фази, етапно. Ќе пишете статус, па дежурните ваши портали, креатори и трансмитери на лажни вести ќе преземат, па следниот ден ќе излезете на прес, па потоа непотпишан текст во друг портал…

Вие, кои украдовте милијарди од оваа држава, ги урнисавте институциите, за сега да се обидувате да изигрувате борци против криминалот и корупцијата?!? Не оди тоа така Антонијо…

Сè што имав отидов и кажав пред ОЈО. И понатаму стојам на располагање да помогнам, ако некој смета дека можам.
И уште еднаш да ти кажам: во Карпош не е отворен ниту еден предмет, ниту е издаден било каков акт (решение, одобрение), во врска со инволвираното во случајот ‘Рекет’“, пишува градоначалникот.

Претходно и Општина Карпош преку соопштение ги негираше шпекулациите на Милошоски.

- Реклама -