Истрагата за „Рекет“ да побрза, порача новинарот Бранко Героски, предупредувајќи го Обвинителството на опасноста дека главните соработници на Боки 13 во перењето пари можат да избегаат. Героски најави дека во вторник ќе обелодени кои се тие и каква е нивната поврзаност со лице од самиот врв на СДСМ. „Апологети, без паника – не е Заев!“, смирува новинарот.
„Пензионерката Лилјана Тодоровска за ‘Телма’ го даде клучниот исказ за тоа како се испрани парите од градежните фирми ‘Пелистер’ и од ‘Дрим билдинг’.
Но, Лилјана Тодоровска не е перачот, туку луѓето кои биле со неа и кои веднаш и ги зеле парите. Очекувам Тодоровска итно да ги соопшти нивните имиња, за да ја намали или дури и да ја оттргне вината од себе.
Според моите сознанија, Фросина Ременски исто така ги знае овие лица и ја знае шемата. Бидејќи таа најави дека ќе соработува со истрагата, очекувам отворено да ги каже овие работи“, пишува Героски, додавајќи дека тој што мисли да избега од фактите „гадно се зезнал!“.
„Ќе почекам до понеделник, а потоа во вторник ќе ги соопштам клучните луѓе од Меѓународен сојуз кои учествувале во операцијата на перење пари. Се надевам дека истрагата ги следи и дека нема да им дозволи да избегаат од земјата, бидејќи, како што слушам, лицето кое е најважен соработник на Боки 13 веќе чистела документи од неговата канцеларија.
И нешто друго ќе објавам во вторник, ако истрагата и натаму продолжи да тапка в место – можеби само со псевдоними и референци, но лесни за препознавање, ќе ја кажам врската на клучните перачи на Боки 13 со лице од самиот врв на СДСМ.
За апологетите да не паничат, еве ќе ги смирам малку – не е Заев!
Се надевам и очекувам истрагата да биде побрза од мене.
До читање во вторник!
ПС. Ако се наложи итна потреба, ќе пишувам и поскоро. Ова одложување не е никаков маркетиншки трик, туку моја искрена желба истрагата да се истакне, а и во СДСМ да почнат со внатрешна лустрација во врска со овој случај“, објави Героски.