„Да не ги оставам во грижи оние од ВМРО-ДПМНЕ кои здушно ме прозиваат на пресови деновиве, пред утрешната скара, продолжен викенд или изливи на ‘патриотизам’ за празникот 2 Август – Илинден… Добро сум, ич да не се секирате!“, порачува пратеничката на СДСМ – Фросина Ременски.
Таа истакнува дека нема ништо против (туку напротив) Обвинителството за организиран криминал и корупција да испита каква е нејзината почесна функција во навладината организација на Бојан Јовановски (Боки 13) и вели дека стои на располагање да им објасни сè што ги интересира и за сè што имаат дилема.
„Секое ставање на моето почесно членство во невладина организација во контекст на актуелниот случај ‘Рекет’ е очајнички обид на ‘државнички поставената опозиција’ да фрли партиска боја на случајот кој треба/мора да добие разрешница, без навивање од партиски трибини и трибуни.
Со име и презиме стојам зад сите мои постапки кои се позитивни, одговорни и законити, до степен што многу често (до ден денес) пречеле на многумина.
Политичката култура и етиката не ми дозволува да делам лични квалификации, лекции за добро однесување и одговорност за дифамацијата, хибридната етика и субверзивната пропаганда. Тие лекции ќе добијат друга форма, пак со име и презиме.
До следниот прес, ВМРО-ДПМНЕ нека го истражи и моето почесно членство во Независниот Синдикат на Полицијата…, и таму зборувам и имам слики.
За многу години 2 Август – Илинден на сите граѓани на мојата земја која конечно, оваа 2019 година, и покрај сите квазипатриотски и стикер – азилантски ‘филозофии’ ќе го оствари вековит сон да биде во заедница со прогресивниот, демократски свет 🇲🇰 “, порачува Ременски.