Героски: Јовановски го злоупотребил и министерот за транспорт и врски Сугарески

Невладината организација Меѓународен сојуз – Скопје, чиј основач е Бојан Јовановски, сега осомничен во аферата „Рекет“, на 25 декември 2017 година потпишал Меморандум за соработка со Министерството за транспорт и врски. На документот се потпишани Јовановски и министерот Горан Сугарески, пишува Плусинфо.

Во Меморандумот пишува дека двете страни се согласиле „за меѓусебна соработка при имплементација и реализација на активности и проекти од областа на заштита на цивилно општество и социјално загрозени граѓани“. Поседуваме фотографија од овој документ.

Иако Меморандумот не предвидува конкретни обврски на Министерството за транспорт и врски кон Меѓународниот сојуз, како што се потврди и од објавениот текст на преддоговорот што го склучиле Меѓународен сојуз и ГП „Пелистер“ од Битола, соработката на популарниот Боки 13-ка со институции на централната и на локалната власт, му помогнале на Меѓународен сојуз да стекне имотна корист.

Во конкретниот случај, во преддоговорот што го склучил со Мицевски и за кои биле исплатени близу 750.000 евра, Јовановски презел обврски што не би можел да ги преземе, ако претходно не договорил соработка со ресорот на Сугарески и со неколку други општини во Македонија.

Така, поседуваме еден склучен Меморандум на Меѓународен сојуз со една скопска општина, а имам информации дека слични меморандуми се склучени со уште најмалку три општини во земјата.

На овој начин, според нашите сознанија во мрежата на осомничениот Бојан Јовановски, перфидно биле „заплеткани“ министри, градоначалници и други високи функционери на државата и на партијата на власт, а за да ја зацврсти својата уверливост, како што е познато Јовановски одржувал контакти на највисоко ниво, со сите поважни луѓе од државниот врв, како и со други познати јавни личности.

Дознаваме дека освен градоначалниците на Битола, Наташа Петровска, и на Карпош, Стефан Богоев, искази пред јавниот обвинител ќе дадат и други градоначалници, како и бизнисмени, кои ќе ги разјаснат околностите на кој начин биле поврзани со невладината организација Меѓународен сојуз, која била покритие и за изнудување и за перење пари.

- Реклама -