„…Прво со месеци слушавме предупредувања од новинарот Геровски дека речиси со години функционирал некаков рекет. Со месеци отприлика ги знаевме приказните коишто кружеа низ градот и се правевме наудрени шушкајќи бесшумно. Потоа, откако „веднаш“ се реагираше, поминаа цели две (долги) недели од почетокот на скандалот „Рекет“, а јавноста сѐ уште ништо не знае“ пишува поранешниот потпретседател на СДСМ и универзитетски професор во колумна за „Дојче веле“.
„Проценките, заканите, навестувањата и ветувањата беа дека многу брзо ќе се расчисти аферата и дека клопчето брзо и рикошетски ќе почне да се одмотува. Но, се отвори многу малку, би рекол повеќе се затвори отколку што се отвори. Сите почнаа да прават „контрола на штетата“, надевајќи се (со право!) дека во претстојната августовска жега нашиот порив за правда ќе се претвори во мрзеливо помирување со уште една судбина.
Затоа, можеби е време малку да застанеме во одбрана на Катица, жената која нема мирен сон, а сигурно имала големи и величествени планови за летото. Големи колку една јахта на пример. Со целокупната иронија која се подразбира, Катица мораме да ја одбраниме, за да не застане сѐ на неа. Се стега обрачот околу неа, никој не знае до каде ќе стигне работата. Но ние мораме да ја охрабриме жената.
Таа не смее да потклекне. Не смее да (о)стане единствената жртва од овој скандал. Сакаме Катица да пропее и да ни каже што ѝ лежи на душа. Како и претходно, кога ги положивме сите надежи во неа, сега во истата таа „неа“ можеби лежи судбината на целиот правосуден систем.
Како што оваа провинциска дива стана ѕвезда на сјајниот град, а ние сите ѝ ракоплескавме иако знаевме дека е плод на некаков гнил договор, така и сега, на иститот тој провинциски начин очекуваме да им се одмазди на довчерашните побратими и посестрими и да раскаже сѐ.
Тоа би личело на неа“, пишува Георгиев.