Катица Јанева го прекина молкот: Не само Бојан, туку и многу други го злоупотребувале моето име без мое знаење

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не само што денеска се појави во просториите на СЈО, туку и го прекинала боледувањето, дознава „Дојче веле“. На големо изненадување, но и долго очекување на јавноста, таа денеска во 13 часот одржа и прес-конференција.

Обвинителката најодговорно демантираше дека на било каков начин ја злоупотребила должноста и јавно ги охрабри правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности околу случајот „Рекет“. Обраќањето на Јанева следува во продолжение, во целост:

„Почитувани,

Од моментот на мојот избор за специјален јавен обвинител, мојата професионална биографија, приватниот живот, семејството, се цел на различни озборувања, напади и обиди за мое инволвирање во дневнополитичките препукувања на партиите. Притоа, не сакам да оставам погрешен впечаток – не се жалам, напротив. Се нафатив на функцијата во исклучителни тешки околности, целосно свесна дека секојдневно ќе бидам цел на напади за моја лична дискредитација. Но, повикот да се служи на државата и да се биде на чело на исклучително професионален обвинителски тим кој се занимава со висока корупција каде се инволвирани највисоки државни функционери – е сериозна чест и многу голема одговорност.

Го разбирам, почитувам и оправдувам интересот на јавноста за истражните дејствија во случајот ‘Рекет’. Носител сум на јавна и одговорна функција за која мора да има целосна транспарентност. Затоа, дозволете да ви се извинам што свесно оставив подолг период да не излезам со свој став во јавноста. Иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч, решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија.

Во врска со наводите, индициите или неофицијалните информации кои се упатуваат на наводната моја вмешаност во случајот ‘Рекет’, ја користам оваа прилика да го изјавам следното:

Најодговорно тврдам дека ниту свесно, ниту несвесно, ниту со сторување или несторување, не сум ја злоупотребила должноста која во моментов сè уште ја извршувам. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај.

Да, точно е дека јас, како и многу други лица кои во моментов се на различни државни функции, се познаваме со лицето Бојан Јовановски. Никогаш не сум криела дека мојот син работи во 1ТВ и дека заради описот на неговото работно место тој на дневна основа комуницира со лицето. Но, ова не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува мојата службена должност и овластување за евентуално да остварува одредени привилегии или да превзема незаконити дејствија. Затоа очекувам низ една транспарента правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да ѝ наштети на мојата чест и углед. За жал, подолг временски период до мене допираат гласови дека не само лицето Бојан Јовановски, туку и многу други, без да знам, го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели.

Ја депонирав мојата оставка, која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник. Со овој чекор сакам да бидам пример за сите останати. Не само да не дозволам да бидам користена за нечие алиби за Европските интеграции, туку покажувам висока професионална свест и со депонирањето на мојата оставка потврдувам дека немам никаков начин да влијаам на конечниот исход на случајот ‘Рекет’. Граѓаните и јавноста нека направат разлика што значи да бидеш свесен за одговорноста која ја носиш и како се постапува кога знаеш дека си чист и што значи кога некој се обидува да ја злоупотребува својата политичка моќ и бега од правдата.

СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција. Ова обвинителство беше, е, и верувам дека ќе остане, симбол на беспоштедната битка со највисоките форми на висока корупција и организиран криминал. Оставам во наследство десетина затворени истраги подготвени за брзо процесирање. Убедена сум дека токму тие предмети ќе ѝ дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се обидуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози кредибилитетот на СЈО. На крајот, уште еднаш сакам да се заблагодарам на сите граѓани и на медиумите кои со доверба во нас и поддршката што ни ја дававте ни помогнавте да работиме одговорно и во интерес на иднината на нашата земја“, рече Јанева и ја заврши прес-конференцијата без можност да ѝ бидат поставени новинарски прашања.

- Реклама -