Жали што се нашол на листата на руските шегаџии и што порано не сфатил дека е насанкан, но истовремено му е и утеха што е во добро друштво, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата по повод објавените телефонски разговори кои тој незнаејќи ги водел со лажниот Петро Порошенко (тогашен украински претседател) и однапред снимениот Јенс Столтенберг – генералниот секретар на НАТО, алудирајќи на купот звучни светски политички имиња кои досега имаат нacтpaдано од руските комичари и пранкери Владимир Кузенцов и Алексеј Столаров.
Заев, меѓу другото, порача дека неговата отвореност и достапност била искористена како слабост од организирана структура која е против НАТО и сака да им наштети на нашите интереси, меѓу кои и нашето извесно членство во Алијансата кое сè уште е во фаза на ратификација меѓу земјите членки.
Во меѓувреме со „став“ по ова прашање се произнесе и Амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија:
„Не коментираме активности на приватни лица, особено не шеги на комичари“, велат оттаму во одговорот на барањето на „Независен весник“ да ги коментираат телефонските разговори на македонскиот премиер со „Порошенко“ и „Столтенберг“.