Охридскиот градоначалник за ултиматумот на УНЕСКО: Дивоградбите што треба да се урнат се бројат на две раце

Покрај уривање на дивоградбите, Охрид, односно локалната и централната власт, ќе треба да исполнат уште 18 препораки на УНЕСКО за да го зачуваат статусот на заштитено светско наследство. За да го исполнат ова првото, ќе треба да урнат над 400 објекти, колку што има во регистарот изготвен од општината – е впечатокот на јавноста, но во суштина, треба да бидат урнати не повеќе од 10 објекти, изјави охридскиот градоначалник Константин Георгиески по враќањето од конференцијата на УНЕСКО во Баку.

Тој образложи дека од сите 409 предмети за дивоградби во заштитниот појас има и скали, настрешници и огради, а дека УНЕСКО од нив всушност бара да извршат евалуација и да ги урнат оние кои имаат најголемо влијание врз животната средина.

„Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце. Кога зборуваме за објекти, големи“, изјави тој.

Георгиески најави суштинско справување со проблемите и дека тие 10-тина објекти ќе бидат први урнати, но исто така побара и помош од државата.

„Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите, кои што се години наназад извадени од колосек“, рече охридскиот градоначалник.

- Реклама -