Босанци, Македонци и Сиријци – тоа е работната сила која ја вработуваат хрватските угостители, откриваат тие за хрватски „Index“. Иако хрватската влада прво одби да ги зголеми квотите за увоз на работна сила во туризмот, неодамна сепак попушти под притисоците на угостителите и ги зголеми квотите за туризмот и угостителството за 2.000 работници, од 10.611 на 12.611, со можност за ангажман на уште илјада работници.
Но, во моментов сите овие квоти се веќе пополнети, а угостителите испратија дополнителен апел до владата за итен состанок, алармирајќи дека туризмот е пред колапс.
Претседателот на Независното здружение на угостители – Марин Медак, истакнува дека Хрватска има највисока стапка на ДДВ на подготовка и послужување на храна во целото Средоземноморје, како и една од највисоките во ЕУ, поради што не можат адекватно да ги платат домашните хрватски работници кои тие би преферирале да ги вработат наместо странци. Бараат намалување на стапката на 13%, како и укинување на данокот на потрошувачка од 3%, бидејќи сегашните даночни стапки, тврдат, не дозволуваат развој и го уништуваат не само угостителскиот сектор, туку и воопшто туризмот, како клучна гранка во Хрватска.
Сакаат домашни работници, ама нема
И претседателот на Хрватските здруженија за туризам – Вељко Остојиќ, потврдува дека сакаат да вработуваат домашна работна сила, но проблемот е што ја нема. Вели дека се принудени да вработуваат странски работници, иако тоа ги чини поскапо. Согласен е дека даночните намалувања би им овозможиле да им понудат поголеми плати и подобри услови на хрватските работници, кои според него, се заминати од земјата, надевајќи се со тоа да ги вратат. Вели дека иако хрватската влада редовно се повикува на статистиката на хрватската Агенција за вработување, каде фигурираат илјадници готвачи, келнери и собарки, тие луѓе во реалноста ги нема.
Анте Власиќ, претседател на Здружението на угостители од Дубровник, а воедно и сопственик на ресторан, дал оглас за вработување на 10 лица. Му се јавиле само 3, а од нив дошол само еден. Затоа сега Власиќ вработува работници од соседна БиХ.
„Вработив неколку готвачи и келнери од БиХ и сум многу задоволен. Не можете да натерате некого да работи ако не сака. Велат дека во Агенцијата за вработување има полно луѓе кои би можеле да работат во туризмот, но кога има огласи за вработување, никој од тие луѓе не се јавува. Значи, статистички луѓе постојат, но всушност ги нема. Единствен спас ни е да донесеме некого од страна. Предноста на тоа да доведете работници од другите држави е што можете да изберете личност каква што вам ви одговара. Надвор ќе видите некого па ќе му понудите работа. Пред воведувањето на квотите тоа не го можевте“, раскажува Власиќ за „Индекс“.
И Сиријците се добри работници, ама Македонците се најдобри
Загрепскиот угостител и сопственик на два ресторана во центарот на градот – Дамир Јурковиќ, пред неколку месеци вработил брачен пар од Сирија, за помошни работи во кујната. Задоволен е од нивната работа.
„Вработив брачен пар кој има деца. Работат помошни работи во кујната, па иако имаме мал проблем околу јазичната бариера, бидејќи не зборуваат ни англиски, тие сепак разбираат што треба да работат и добро работат. Внимателни се и вредни. Ги вработив кога ми се јавија од едно здружение и рекоа дека бараат работа за Сиријци. Жената работи кај нас веќе 4 месеци, а ме замоли да го вработам и нејзиниот сопруг. Иако не знаат јазик, сепак се добро упатени во платите, па испреговаравме, бидејќи точно знаат колкави се платите во сезона“, вели Јурковиќ, кој наведува дека плаќа нето плата од 5.800 куни (околу 780 евра) за помошните работници во кујната, а од 7.000 до 7.500 куни (од 950 до 1015 евра) за келнери.
Освен сирискиот брачен пар, Јурковиќ има вработено и еден Македонец. Него посебно го фали. Тој е како хрватските работници – сè разбира и меѓусебната комуникација се одвива без никаков проблем. „Одличен готвач е и многу сум задоволен“, вели тој.
Франз Летица од Загреб има кафуле во градот, но има и компанија за изнајмување на бродови и јахти. И тој вработува странци, главно во зависност од тоа од каде доаѓаат гостите. Сепак, преферира да вработува скипери, хостеси, готвачи и келнери кои го зборуваат неговиот јазик, било да се од Србија, БиХ или Македонија.