Проф. Наташа Котлар за „Гоце бил Бугарин“: Со политички средства создаваат „научна основа“ за „бугарската вистина“

„Ако навистина ‘се знае’, како што вели госпоѓата за бугарски надворешни работи, тогаш нема и проблем, не е потребен оној чудовишен договор за ‘заедничка историја’ (2017)! Вината е и нивна, но и на нашите претставници на власта! За последниве, не сакам збор да трошам, но бугарските намера и цел се други(!): Она што се култивираше како ‘бугарска вистина’ повеќе од век и половина, најпрвин како странска ‘направија’ (ако треба ќе им ги спомнеме и имињата), а потоа и како бугарска, да стане таква и за нас, Македонците (измислените, лажните, непостоечките)!“, смета професорката од Националниот институт за историја – Наташа Котлар.

„Сега им е моментот на браќата со политички средства и можности (‘Европејската унија’, САД и др.), да создадат и ‘научна основа’ на некогашните и сегашни амбициозни планови на малото им ‘отечество’! Гоце Делчев е македонска историска личност – револуционер и војвода! Бил ‘Бугарин’ согласно османлиските критериуми и вреднувања, а не и според современите вреднувања!“, додава таа.

Како што објаснува Котлар, ова што го практикува (Бугарија), во науката е познато како „парахиерахијализам“ (Синклер), односно ненаучен принцип. „Бугарските колеги слушнале за ова, ама не им одговара – ќе треба да си ја исправат целата им историја!“, вели професорката.

Таа го дава примерот со Стефанаки беј, односно ги применува критериумите на бугарската министерка Захариева во однос на Гоце Делчев – врз една „слична“ бугарска историска личност (или што би рекол народот, со бугарски камен по бугарска глава). Имено, Стефанаки беј бил кнез на Самос, но со бугарско потекло. Претходно се викал Стойко Цонков Стойков (1775-1859). Како што истакнува проф. Котлар, од денешен аспект можеме да го нарекуваме „Грк“, „Романец/Влав“ или „Турчин“ – и сите се османлиски поими. Но, напротив, историчарите (меѓу кои и македонските) овој историски лик го третираат како бугарски. Токму овој принцип треба да важи и за Гоце Делчев како македонска историска личност, објаснува професорката. Но Бугарија, очигледно, тоа не го прави.

„Македонскиот народ има своја историја, свои јунаци и антијунаци, и свој начин на чувствување на минатото, а во оваа смисла и кон Гоце Делчев, давајќи го својот млад живот за посебна, македонска слобода! Затоа е и Вториот Илинден и решението на АСНОМ за државен, национален празник на 2 август-Илинден! Има историска логика и континуитет!“, заклучува Котлар.

- Реклама -