Претседателот Стево Пендаровски, денеска, покрај реформскиот Закон за Агенција за национална безбедност, со кој се укинува УБК и се формира новата АНБ, го потпиша и Законот за координација. Со овој вториов, контpoверзниот вицепремиер, за Рамковен – Хазби Лика, по автоматизам станува член на Советот за координација на разузнавачката заедница, во кој Лика ќе добие место за најдоцна 30 дена, објави „Телма“.
Вицепремиерот кој е познат по тоа што не оди на работа и не го реши проблемот со вработените по Рамковен кои седат дома а земаат плата, согласно одредбата во новопотпишаниот закон, ќе стане еден од 8-те членови на советот кој оперативно ги предводи разузнавачките активности.
„Телма“ истакнува дека интересно е што за законот минатата среда гласале сите 91 пратеник присутни на седницата, иако истите тие претходно во март гласале токму за укинување на Секретаријатот за Рамковен договор и негова замена со ново министерство за политички систем. Сепак, „Телма“ констатира дека збрката настанала поради тоа што Иванов не го потпишал законот од 27-ми март, според кој досега требаше да биде формирано новото, засега сè уште непостоечко министерство. Подетално на „Телма“.
Новата функција на Лика ја коментираа и од Граѓанско демократската унија (ГДУ). Од партијата ја истакнуваат иронијата на тоа Лика да биде дел од телото кое ќе ги спроведува предлозите на највисокото безбедносно тело – Советот за национална безбедност. Во соопштение до јавноста, од партијата потсетуваат на сомнежите дека Лика, под псевдонимот „командант Чела“, бил еден од учесниците во маcaкpoт кај Вејце во 2001 година, како и на сомнежите дека го оштетил буџетот во повеќе наврати, за најмалку неколку милиони денари. Од ГДУ велат дека не очекувале негова оставка, но очекувале „метла“. Целото соопштение можете да го прочитате ТУКА.