Хрватите во иднина не треба да се надеваат на пензии

Пензискиот систем во Хрватска, кој се базира на солидарност меѓу актуелните работници и пензионери, е пред целосен распад. Причината е тоа што бројот на работници и пензионери е речиси изедначен. Со оглед дека таа разлика само ќе продолжи да се намалува поради масовното иселување и природниот пат на населението, оние кои ќе одат во пензија за 20 до 30 години од сега не треба да се надеваат дека со државна пензија ќе можат да пpeживеат, пишува хрватски „Index“.

Во моментов Хрватска има 1.52 милиони работници – т.е. лица кои плаќаат пензиско осигурување, а 1.24 милиони пензионери, што значи дека за секој пензионер одработуваат по 1.23 работници. Гледано наназад, таа бројка опаѓа веќе четири децении; за споредба, на почетокот на ’80-тите години, за секој пензионер одработувале по околу 4 работници.

Графички приказ: Број на работници по пензионер, по години.

Ситуацијата е уште полоша кога ќе се земе во предвид дека добар дел од вработените се вишок во државната администрација или јавните компании кои не создаваат вредност, туку се „згрижени“ преку вработување на непотребни или измислени работни места, пишува порталот. Од друга страна, во системот има и голем дел на повластени пензионери, чии пензии се повисоки во однос на оние кои би ги добивале кога би се работело за обични работнички пензии.

Излезот од ситуацијата постои само на хартија, но такви чуда не се случуваат во реалноста, оценува порталот, потсетувајќи дека стотици илјади луѓе во најдобрите години ја напуштиле земјата, па во Хрватска веќе нема кој да работи.

 

- Реклама -