На плажа во Сицилија е пронајден угинат кит чиј желудник бил полн со пластика, објави Greenpeace. Тоа е петти ваков случај во Италија во последните пет месеци, соопшти активистката Џорџија Монти.
Овојпат се работи за млад кит на возраст од само 6 години. Исфрлен е на плажа во Cefalù, Сицилија.
Претходно сличен случај се случи во март, на Сардинија. Морето исфрли тело на кит женка со неродено младенче. Во желудникот на женката беа најдени 22 килограми пластика.
„Не знаеме дали тоа (пластиката) е причината, но не можеме да се преправаме дека ништо не се случува; ова е петти ваков случај во последните пет месеци. Морето ни праќа алармантен плач, очаен SOS повик. Нашите мориња и прекрасните животни кои ги населуваат се во опасност и бараат наша помош“, велат од „Гринпис Италија“.
„Нема да седиме и да гледаме“, велат од организацијата, најавувајќи активности во рамки на новиот проект The Blue Dream Project, во чии рамки ќе работат заедно со истражувачите на мониторирање на Средоземното море и неговата „здравствена состојба“. Повикуваат луѓето да ги следат нивните стапки, односно да направат сè што можат околу ова прашање и долгорочниот проблем со очајната состојба на океаните.