По тридневна неуспешна потрага, малиот Кенет Хауард од Кентаки, кој сè уште нема наполнето ни две години, е пронајден на околу 600 метри од куќата на неговите родители кога спасувачите го чуле како плаче во шумата.
Детето било најдено гладно, босо, премрзнато и дехидрирано, но како што вели полицијата – „во исклучително добра состојба“, со оглед, секако, на условите во кои преживеало тие три дена додека било исчезнато.
Впрочем, самиот факт што детето е живо е чудо, со оглед дека се работи за шумски предел во кој мечките и волците се чести жители.
Интензивната потрага за детето, која вклучувала и хеликоптери, дронови и кучиња трагачи, почнала во неделата навечер, кога детето исчезнало од својот дом околу 19.30 часот. Детето било во дворот со таткото, а во еден момент отишло зад куќата.
„Тргнавме по него, но него го немаше. Едноставно исчезна, како во кошмар“, вели еден од членовите на семејството за „Mirror“. Во текот на потрагата, родителите дури објавиле и награда од 5.000 долари за секој што ќе понуди било каква информација за детето.
А кога малото момче било пронајдено и откако спасувачите му дале да се напие вода, првото нешто што го направило било да ги побара родителите.
На властите, локалните, трагачите, сè уште не им е јасно како детето преживеало во такви услови. „Ова дете е право планинско момче од Кентаки“, го пофалил еден од спасувачите.