Петре Шилегов – дечкото кој по скопските улици често го гледате на електричен тротинет, а воедно и скопски градоначалник, викендов, на задоволство на сеирџиите, имаше мали проблеми со рамнотежата.
Од електричен тротинет, викендов Шилегов се одлучи да проба да направи апгрејд кон еколошки самобалансирачки транспортер на две тркала, познат како „Сегвеј“ (Segway). Авантурата и не почна така глатко, што резултираше со видео на 1ТВ насловено „Шилегов го здрма струја на електричниот тротинет“.
Сепак, на градскиот татко не му требаше долго за да ги совлада невојлите со рамнотежата, па тоа го сподели и на својот Фејсбук профил.
„Откако помина ‘струјниот удар’, малку нормална вожња. Во основа е едноставно, но треба навикнување на почеток. Може и ќе го заменам тротинетот“, напиша тој, споделувајќи видео од успешното возење (без проблематичниот почеток).
Па ете, ви се допаѓало делото на Шилегов или не, сега имаме градоначалник што вози ем електричен тротинет, ем сегвеј. Можеме и да се смееме, но едно е сигурно – да пишевме дека е некој градоначалник во Шведска, сите ќе викаа „Браво!“ и „А нашиве кога вака?!“, зар не?