Минарето од Џам е изградено во 1190 година, во времето кога Гуридската империја завладеала со Авганистан. Високо е 65 метри и е втор највисок религиски објект од овој вид. Кога било изградено, на врвот стоела ламба, правејќи го еден вид светилник помеѓу високите планини.
Минарето се наоѓа во местото Џам, дел од областа Шарак во провинцијата Гор. Причината за мистеријата што го обвиткува е токму оваа чудна локација – во близината нема буквално ништо освен планини високи преку 2400 метри. Импозантната структура стоела заборавена со векови, бидејќи ретко кој поминувал на тоа место. Повторно била забележана од Сир Томас Холдих во 1886 година, а експедиции започнале да ја посетуваат дури во 1957 кога одново била откриена. Во 1979 година, по инвазијата на Советскиот Сојуз, во целата област бил забранет пристап. Оттогаш наваму, многу мал број странци го имаат видено минарето со свои очи.
Надворешноста на минарето е орнаментирана со неверојатно сложени детали изведени со цигли, штукарута и глазура, а испишана е со Куфи и Нашки калиграфија. Главен акцент е ставен на стиховите од Куранот кои се однесуваат на Марија, мајката на Исус.
Ден Крукшанк кој го посетил местото, напишал: „Поглавјето, наречено Маријам, раскажува за Дева Марија и Исус, двајцата високо почитувани во Исламот, сметани за пророци, како Абрахам и Исак. Ова е текст кој потенцира што Јудеизмот, Христијанството и Исламот имаат заедничко, наместо нивните разлики. Се чини дека Гуридите го поставиле ова дело тука за да повикаат на хармонија и толеранција во земјата, порака што денес е порелевантна од кога било порано“.
Зачудувачки е како градбата опстојала толку долго време, со оглед на тоа што во овој дел од Авганистан редовно има поплави и силни земјотреси. Се прават обиди да се засили, сега веќе наваленото минаре, но проблем претставуваат и вандалите што копаат наоколу барајќи злато и со тоа го загрозуваат споменикот што е првиот од Авганистан што доби статус на дел од светското наследство на УНЕСКО, во 2002 година.