Како Саудиска Арабија казнува за шверц на дрoга

Тројца мажи и една жена, осудени за шверц на дрога, се погубени во Мека, соопшти саудиското Министерство за внатрешни работи. Двајца од мажите биле од Пакистан, еден од Ерменија, а жената била од Нигерија.

Ултраконзервативното кралство спроведува многу строга верзија на шеријатското право, а смртната казна, освен во случаите со трговија на дрога, ја применува и во случаи со тероризам, убиства, силувања и оружени грабежи. Најчесто казната се извршува со отсекување на главата со сабја.

Саудиска Арабија има една од највисоките стапки на погубувања во светот. Според официјалните податоци, само од почетокот на годинава во земјата се погубени 53 луѓе. Лани вкупно биле погубени 120 лица.

Активистите и организациите за човекови права често предупредуваат на недостатокот од фер судење во Саудиска Арабија. Властите од Ријад, пак, инсистираат дека смртната казна ги одвраќа луѓето од криминал и злосторства.

 

- Реклама -