Македонци во Италија експлоатирале Македонци за сезонска работа, ги чувале како робови

Во полициска операција наречена „Сонце“, во која од јуни 2018-та до минатата сабота учествувале вкупно педесетина Карабиниери, во Италија уапсени се петмина Македонци и еден Бугарин, а поради фалсификување на документи и поттикнување на илегална миграција. Осомничени се уште тројца Италијанци и еден Македонец, кои се товарат за помагање.

Приведено е семејството на Б.Ѓ. (43) од градот Алба – сопственик на фирмата „Бобимак“, која посредувала и ангажирала сезонски работници во регионите на Москато и Барбера, кои се познати по лозовите насади. Покрај него се приведени и неговата сопруга С.Н. (43) и неговата мајка М.Ѓ. (61), како и лицата Д.Р. (25) и С.П. (43), сите од Македонија. Приведен е и Г.Г. (39) – професионален возач од Бугарија.

Фирмата работела со години и била познат посредник меѓу винарите во регионот. Фирмата регрутирала работници од Македонија преку огласи на интернет и радио. Сложените процедури за влез во Италија, кои македонските граѓани мораат да ги поминат бидејќи не се граѓани на ЕУ, „Бобимак“ ги избегнувала така што доверливиот соработник – возачот Г.Г од Бугарија, нелегално ги внесувал регрутираните работници со автобуси во Италија и директно во градот Алба. Таму ги пречекувал Б.Ѓ. – сопственикот на фирмата, и им ги одземал пасошите и личните документи, за да не можат да заминат, а  ниту да излезат од куќата. Потоа ги фотографирал, а фотографиите Бугаринот ги носел во Бугарија, каде што им изработувале лажни бугарски лични карти и пасоши.

Со лажните документи, Б.Ѓ. регуларно ги ангажирал работниците на лозјата и плантажите, но за само околу една-третина од дневницата која им следувала, колку за да не бидат гладни – наместо по 7 евра од час, колку што плаќале винариите по работник, работниците на „Бобимак“ добивале по само 2.5 евра за еден час работа.

Според полицијата, работниците биле сместувани во сместување на многу ниско ниво, а впрочем таква била и храната која ја добивале. На плантажите се претставувале како Бугари, но и таму работеле недокументирани, бидејќи Б.Ѓ. ги задржувал како нивните вистински, така и лажните бугарски документи. Притоа, имал и двајца соработници кои ги надгледувале работниците додека работеле на плантажите, за дополнително да се осигура дека нема да избегаат.

виа Либертас

- Реклама -