Ниту ампутираната нога, ниту апаратите, ниту беспоштедната борба на докторите не беа доволни да го спасат животот на 19-годишната девојка повредена во автобуската трагедија кај Ласкарци. По 40 дена борба за живот, таа починала денеска околу 13 часот на КАРИЛ. Со тоа, билансот на жртви во несреќата кај Ласкарци се искачи на 16.
Поради тешките повреди, таа повеќе од еден месец беше одржувана на апарати.
„Тешки телесни повреди имаше девојчето. Четириесет дена борба водевме за нејзиниот живот. Имаше многу повредени системи, нагмечувања… Се боревме за нејзиниот живот, за жал, не ја добивме битката“, вели раководителката на КАРИЛ – д-р Маја Мојсова, изразувајќи сочувство до семејството на девојката.
Како што соопшти Јавното обвинителство пред една недела, за трагедијата кај Ласкарци приведени се вкупно седум лица. Против шест од нив се води истражна постапка и ќе се гонат за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Меѓу нив се и возачот на автобусот и сопственикот на Дурмо Турс. Главната, но не и единствената причина за несреќата, била неприлагодената брзина – наспроти дозолените 80 км/ч за ваков тип возило, возачот возел со 99 км/ч.