Австрискиот канцелар Себастијан Курц најави воведување на закон со задолжителен „кодекс на однесување“ за планинарите и рекреативците кои ги посетуваат живописните австриски пасишта.
Повод за ваквиот кодекс е трагичниот инцидент од 2014-та во кој 45-годишна германска туристка беше прегазена до смрт од стампедо крави во тиролската област Пинисалм. Случајот долго беше актуелен во австриските медиуми, но кулминацијата ја достигна во февруари годинава, откако судот донесе одлука според која сточарот што го поседувал стадото крави мора да исплати стотици илјади евра отштета за семејството на прегазената.
Пресудата предизвика гнев и разочараност меѓу сточарите, но и во голем дел од австриската јавност, која не смета дека сточарот треба да сноси вина. Напротив, факт е дека жртвата во моментот на инцидентот шетала по пасиштето со своето куче врзано со јаже за нејзиниот појас. Имено, понекогаш кравите, кога ќе здогледаат куче, го доживуваат како закана за своите телиња, па инстинктивно сакаат да ги заштитат. Во таквите моменти, на луѓето што шетаат со кучиња по пасиштата им се советува да го одврзат кучето од јажето, за да избегнат и тие самите да бидат нападнати од кравите.
Германката тоа не го направила. Лаежот на кучето дополнително ги алармирал и налутил кравите, па тие во стампедо тргнале кон туристката и ја прегазиле.
Како што објасни Курц, во кодексот на однесување јасно ќе биде наведено што се очекува од луѓето кои шетаат по австриските планински пасишта. Тој не соопшти детали, но нагласи дека во суштината на кодексот ќе бидат кучињата, додавајќи дека токму кучињата биле „проблемот“ во речиси сите спорни слични случаи.
Со измените на законот, т.е. воведување на кодексот, доколку луѓето го почитуваат, ќе се избегнат ваквите инциденти. Меѓутоа, доколку луѓето не го почитуваат и сепак настане инцидент, автоматски ќе се смета дека е нивна вина, па со тоа ќе го изгубат правото на било каква отштета. Со тоа и сточарите ќе бидат ослободени од било каква вина.