Режисерот Вуди Ален покрена правна постапка против компанијата Amazon Studios бидејќи, како што се наведува во тужбата, го прекршила договорот со тоа што одбила да го дистрибуира неговиот најнов филм. Ален бара повеќе од 68 милиони долари отштета, со образложение дека компанијата отстапила од договорот без соодветна причина.
Amazon, по примерот на многу други компании во ерата на „MeToo“ движењето, лани во јуни одби да го дистрибуира најновиот филм на Ален – „A Rainy Day in New York“, откако тој (повторно) беше обвинет дека повеќе од 25 години ја злоставувал својата посвоена ќерка. Вуди Ален ги демантира сите обвинувања.
Како и да е, од тужбата на Ален делува дека Amazon го прекршил договорот врз основа на „неосновани обвиненија против него“, во кои, тврди Ален, компанијата се впуштала и пред потпишувањето на договорот.
Досега, до одбивањето на „A Rainy Day in New York”, Amazon има издадено два филма на Вуди Ален, а исто така ја дистрибуираше и неговата ТВ серија. Во „A Rainy Day in New York” играат Џад Лоу, Ребека Хал, Селена Гомез и Тимоти Шаламе.