Ограбувачи во Белгија ги искористиле канализационите тунели за да ископаат пат до сефот на банка во Антверп во близина на област позната по трговијата со дијаманти, пренесува BBC.
Полицијата добила известување за можен грабеж во неделата, а кога пристигнала на местото вратата од банката била затворена. Меѓутоа, внатре имало околу 30 испразнети сефови.
Како што известија од полицијата, за да го пробијат тунелот до банката, ограбувачите прво морале да поминат низ мошне тесни цевки со дијаметар од само 40 сантиметри.
Елс Ликенс, од комуналното претпријатие Aquafin, грабежот го оцени како многу ризичен.
„Копањето тунел кон канализацискиот систем било опасно за ограбувачите, пред сé, бидејќи може да дојде до рушење. А внатре во канализацијата имате секаков вид на опасности, како концентрации на гасови кои излегуваат од отпадната вода“, објаснува Ликенс.
Сé уште не се соопштува колку било украдено. Клиентите на банката се вознемирени од недостатокот на информации од страна на банката. Некои тврдат дека во сефовите ги чувале целите свои животни заштеди. „Многумина во сефовите чуваат не само пари и накит, туку и значајни семејни наследени предмети“, вели еден од клиентите.
Сличен грабеж бил извршен и во 1976 година во Ница, Франција. Банда ограбувачи поминале неколку месеци копајќи тунел низ канализацијата за да стигнат до подружница на Сосиете Женерал, каде што опљачкале повеќе од 200 сефови и со „улов“ од милиони долари.