27-годишниот Nick Naydev од Ванкувер (Вашингтон), со неговиот многу глуп потег, засекогаш си ги упропасти шансите некогаш повторно да се качи на некој од крузерите оперирани од Royal Carribean. Од неодамна тој доби доживотна забрана за патување со компанијата.
Имено, Ник патувал на бродот Symphony of the Sea заедно со своите пријатели, а судбосносната глупост ја направил додека бродот бил закотвен во Насау, Бахамите. Најдев, бодрен од своите тројца пријатели и можноста дека ќе биде фраер на Инстаграм, скокнал во водата директно од 11-от кат на крузерот.
Видеото беше објавено на друштвените мрежи, а во коментарите Ник открива дека „сé уште бил пијан од претходната вечер“ кога решил да скокне. За негова среќа, при скокот од околу 30 метри (по негова проценка) Ник поминал без повреди, но не и без последици. „Кога се отрезнив, грбот почна многу да ме боли. Три дена одвај одев, а не можев ни да спијам од болка“, објаснува тој.
Откако бил собран од помал чамец од водата, Ник со полиција бил вратен на крузерот, но само за да си ги спакува куферите и да го напушти бродот, по што бил оставен на Бахамите сам да се снаоѓа за пат за назад. Истовремено му е изречена и доживотната забрана за патување со бродовите на Royal Carribean. Истата судбина ја заработиле и неговите пријатели.
„Поради глупавото и невнимателно однесување, Ник и неговите пријатели никогаш веќе не смеат да патуваат со нас. Размислуваме и за тужба“, соопштија од компанијата.
Во меѓувреме видеото стана вирално на друштвените мрежи. Реакциите, меѓутоа, не се само позитивни.
„Каков глупак, ова ќе му биде последен пат на крстарење“
„Морону, си можел да умреш! Другпат помисли на своите родители!“
„Идиоту еден, требало да те остават да се удавиш“, се само дел од коментарите.