Роботот со чијашто помош се истражува Големата пирамида во Гиза, успеал да дојде до древни цртежи во една од многуте тајни одаи во пирамидата. Цртежите што биле запечатени повеќе од 4.500 години, сега можеме да ги видиме благодарение на малата камера поставена на флексибилен кабел, што едвај се протнал низ камената врата на крајот од тесниот тунел.
Египтолозите се надеваат дека овие цртежи ќе им откријат повеќе детали и најпосле ќе го одгатнат прашањето – зошто се направени тесните тунели и тајните одаи што се поврзуваат со многу поголемите кралски одаи. Од малите цртежи што наликуваат на хиероглифи, придружени со линии во каменот, може да се добие и поточниот датум на градбата, повеќе информации за каменоресците, но најважно ќе биде да се открие намената на овие тунели.
Она што ја создава мистеријата е фактот што човек не може да влезе во овие ходници и одаи, па така се поставува прашањето – како биле изградени и која била нивната намена? Постојат археолошки објаснувања, религиски објаснувања, симболички, па дури и објаснувања што се однесуваат на подреденоста со ѕвездите во мигот на изградбата; но последниот збор не е кажан.
За да се комплетира сликата за овие необични одаи во Големата пирамида во Гиза мора да се доврши испитувањето со роботот именуван Ѓеди, според волшебникот со којшто се консултирал големиот фараон Куфу при правењето на плановите за оваа пирамида. Следнен предизвик е ѕидот спроти малата камена врата, со чие истражување ќе се открие дали таму постои ѕид или пак нова врата што води кон некоја нова одаја. [Mysterious markings discovered at Great Pyramid of Giza]