Невиден хакерски напад во Германија: Објавени податоци на стотици политичари, меѓу нив и Меркел

Непознати хакери украле милиони податоци од германски политичари, новинари и познати личности, пренесува германскиот дневник Bild. Како што наведува весникот, ова можеби е најголемиот хакерски напад во досегашната историја на Германија.

На интернет беа објавени илјадници податоци со делумно лични информации. Сторителите засега остануваат мистерија. Јасно е само дека нападот е прекинат кон крајот на октомври 2018, но не се знае кога започнал.

Во хакерскиот напад се погодени политичарите од речиси сите политички партии, со исклучок на тие од десничарската AfD, за кои податоци, барем засега, не се објавени.

Меѓу „жртвите“ е и германската канцеларка Ангела Меркел, но и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер. Мета биле и познати уметници и новинари, пред сé од јавните сервиси ARD и ZDF. Објавени се податоци на дури 33 новинари од ARD.

Сепак, најпогодена е владејачката коалиција на CDU и CSU – објавени се податоци на дури 405 од политичарите од овие партии. Кај SPD се објавени податоци на 294 политичари, кај Зелените – 105 политичари, кај Левицата – најмалку 82, и кај FDP – 28.

Кај „Зелените“ посебно „настрада“ шефот на партијата – Роберт Хабек, за кого хакерите објавија и важни изводи од дигиталната комуникација што ја имал со своето семејство, но и преписка со поранешниот шеф на SPD – Зигмар Габријел.

Прочитајте и:  Во Германија уапсен тинејџер со турско потекло, планирал терористички напад на локалниот божиќен саем

Германската министерката за правда – Катарина Барлеј, оценува дека се работи за „тежок напад“ – нешто што и без нејзината оценка е сосема очигледно. Според неа, целта на сторителите е да ја срушат довербата во германската демократија и институции.

Германските медиуми шпекулираат дека зад нападот можеби стојат држави како Русија и Кина, со образложение дека наводно Москва веќе со години спроведува масовни хакерски напади врз Германија, но и дека наводно соработува со германските екстремни десничарски групации.

Првичните истраги покажуваат дека хакерите најверојатно упаднале во компјутерите и електронските уреди преку апликацијата за електронска пошта – „Outlook“. Откако ги украле лозинките на најмалку 30 политичари, до другите дошле преку профилите на друштвените мрежи, како Твитер и Фејсбук.

Во тек е истрага покрената од Државната служба за заштита на уставноста (BfV), а се разменуваат информации и со странските разузнавачки служби, сé со цел да се влезе во трага на сторителите на хакерскиот напад.

- Реклама -