Денеска, според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) е 20 декември и се празнува Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец, или како што велат некои – пресудниот ден за цела година. Според верувањата уште од дамнешни времиња, тоа што ќе го правите денес, т.е. каков ќе ви биде денот денес, таква ќе ви биде/тоа ќе го правите и целата година.
Кон оваа традиција се придодаваат и други верувања: да станеме рано изутрина, да се стоплиме, да не се караме, да се сложуваме… сé со цел така да ни мине годината, пишува „Вечер“. Некои дури и ги заклучуваат портите на домовите, со цел да не им дојде на гости некој лош човек, па да ги следи малер или зло цела година.
Што се однесува до македонската администрација, за нив денеска е неработен ден, согласно одлуката на Владата на Република Македонија на седницата од 25 декември. Чисто за потсетување, Владата препорача истото да важи и за приватниот сектор.
(ps. Тетката на сликата горе е целосно недолжна, фотографијата е чисто за илустрација)
За Свети Игнат
Св. Игнат (Св. Игнатиј, Св. Игњат) е наречен Богоносец затоа што постојано во срцето и на јазикот го носел името на живиот Бог, но и затоа што токму Игнат како дете бил носен на раце од Исус.
„Во времето кога Господ ги учеше своите ученици на духовен живот според евангелските заповеди, зеде едно дете, го постави меѓу нив и им рече: Оној којшто ќе се смири и ќе стане како ова дете, тој е најголем во царството небесно (Матеј 18, 4). Тоа дете беше Игнатиј“.
Подоцна Игнатиј му бил ученик на свети Јован Богослов, а станал и Антиохијски епископ. Според преданието, кога царот Трајан минувал низ Антиохија, го повикал Игнат кај себе и побарал да им принесе жртва на идолите во замена за тоа да го постави за сенатор. Игнат не ги послушал советите, но и заканите, па бил окован во железо и испратен во Рим за да биде фрлен на лавовите.
Но Игнатиј му се радувал на страдањето во име на Господа и постојано му се молел на бог ѕверовите да станат гроб за неговото тело и никој да не го попречи во таа смрт. По долго и тешко патување од Азија преку Тракија, Македонија и Епир, во 106 година Игнатиј во придружба на десет најнемилосрдни војници пристигнал во Рим и бил фрлен на лавовите. Лавовите го растргнале и изеле, а од Игнат останале само неколку коски и срцето. Повеќе за Св. Игнат и обичаите поврзани со овој ден прочитајте на „Сител“.