Германскиот весник Der Spiegel, како што самите тврдат, се наоѓа среде најголемиот скандал во своите 70 години постоење, откако излезе на виделина дека еден од нивните најдобри репортери со години фалсификувал стории, факти и и извори.
Новинарот Клаас Релотиус, добитник на многубројни награди за истражувачко новинарство, меѓу кои и Новинар на годината од CNN во 2014-та, измислувал стории и протагонисти/интервјуа во барем 14 од 60-те негови статии во печатените и онлајн изданијата, предупредуваат од Der Spiegel, за и другите медиуми за кои пишувал да ги проверат неговите стории.
33-годишниот Релотиус ја признал измамата и е недостапен за неговите колеги. Во порака до весникот, за кој пишувал 7 години, се извинил и рекол дека ќе ги врати наградите.
Порано месецов Релотиус ја доби и германската награда „Reporterpreis“ („Репортер на годината“) за неговата сторија за младо момче од Сирија – сторија која жирито ја пофали за нејзината „леснотија, поетичност и релевантност“. Оттогаш излезе на виделина дека сите извори во репортажата на Релотиус биле во најмала рака спорни, а голем дел од напишаното било и целосно измислено.
Фалсификувањето на стории било обелоденето од колега кој заедно со Релотиус работел на сторија за американско-мексиканската граница. Колегата, Хуан Морено, посочил на спорни моменти околу дел од деталите во известувањето на Релотиус, особено што веќе некое време се сомневал во неговата репортерска работа. Морено успеал и да ги контактира двата наводни извори кои Релотиус обемно ги цитирал во статијата (објавена во ноември), а и двата рекле дека никогаш не го сретнале Релотиус. Тој лажел и дека видел рачно напишан графит со спреј „Мексиканци, останете надвор“ (Mexicans keep out“), покажала дополнителната истрага.
Меѓу другите фалсификувани стории била и таа за јеменски затвореник во Гвантанамо беј, како и таа за Колин Каперник – познат играч во американскиот фудбал.
Од Der Spiegel, кој продава по околу 725.000 печатени копии неделно и има повеќе од 6.5 милиони онлајн читатели, велат дека се шокирани од откритието и им се извинија на читателите и сите што биле „жртва“ на „лажните цитати, измислените лични детали или измислените сцени на фиктивни локации“.
Весникот, базиран во Хамбург, основан во 1947 година и познат по своите темелни истражувачки стории, вели дека Релотиус направил новинарска измама од голем размер. Релотиус пишувал и за други познати медиуми, вклучувајќи ги германскиот taz, Die Welt, неделното издание на Frankfurter Allgemeine и други. „Го злоупотреби својот талент“, напиша Die Welt на Твитер за новинарот.
Во пораката до Der Spiegel, Релотиус изразил каење за неговите постапки и бил длабоко засрамен. „Болен сум и ми треба (професионална) помош“, цитира весникот.
Морено – колегата што го разоткри, а работи за весникот од 2007 година, ја ризикувал својата сопствена позиција и работно место кога се конфронтирал со другите колеги изразувајќи ги своите сомневања за Релотиус. Многу од нив не му верувале. „Три или четири недели Морено помина низ пекол бидејќи колегите и неговите надредени на почеток не му веруваа на обвинувањата“, пишува Der Spiegel во извинувањето до читателите. Неколку недели се сметало дека Релотиус е дури и жртва на подол план за негова дискриминација од страна на Морено. Релотиус ги отфрлал обвинувањата и сите солидни докази што Морено ги приложил… додека веќе немал каде и веќе не можел да спие поради грижа на совеста и стравот дека ќе биде конечно откриен, пишува весникот.
„Тој беше суперѕвезда на германското новинарство, ако сме искрени, и ако сите негови стории беа вистинити, тоа ќе беше целосно оправдано. Но, не беа“, вели Морено. „На почетокот беа мали грешки, потоа нештата станаа премногу тешки за верување, па тоа ме направи сомничав“.
На крајот, соочен од надредениот уредник, Релотиус конечно признал. Во неговото искрено признание рекол дека лажирањето не го правел за да биде „следното големо нешто“ или за да добива награди, туку од страв од неуспех. „Како станував поуспешен, притисокот да не бидам способен за неуспех стана уште поголем“, рекол новинарот.
Во меѓувреме, крајно-десничарски настроените критичари ликуваат. „Ова е одлично, ова е одличен ден!“, „спектакуларно“, „феноменално“ се дел од коментарите. Мартин Селнер, десничар од Австрија, го посочи примерот со Релотиус како доказ за нивните долгоповторувани тврдења дека со ова е изложен претставник на lügenpresse („лажливиот прес“) – термин користен во нацистичката ера за да ги дискредитира медиумите. „Излезе на виделина тоа што го знаевме веќе долго време – дека лажливиот прес не само што лаже, прикрива, извртува и презентира неточно… туку и целосно измислува стории“.
via The Guardian