Сообраќаен хаос денеска во делови на Франција, а заслужни се „жолтите елеци“.
Компанијата што оперира со патарините – Vinci Autoroutes, соопшти дека протести се во тек на 40-тина локации од нивната мрежа, како и дека дел од наплатните станици се сериозно оштетени, особено на југот на земјата.
Наплатната станица Бандол, источно од Марсеј, во вторникот вечерта била запалена, а автопатот А50 е затворен за сообраќај, соопштува компанијата, која претежно оперира со патарините на западот и југот на земјата.
Операторот апелира до возачите во Франција да бидат крајно внимателни додека се приближуваат на некоја од наплатните станици, но и кога се приклучуваат на автопатот – поради големиот број пешаци.
Исто така, проценуваат дека од почетокот на протестите, на нивната инфраструктура ѝ е нанесена штета во износ од неколку десетици милиони евра, и тоа без да се пресметани загубите од пропуштениот приход, со оглед дека демонстрантите им овозможија на илјадниците возила бесплатно да поминуваат преку патарините.
Исто така, досега паднаа и неколку човечки жртви во сообраќајни несреќи предизвикани (барем делумно) од препреките и барикадите поставени од „жолтите елеци“ на патарините и патиштата.
Блокадите и демонстрациите на дел од патиштата, патарините и кружните текови во Франција траат веќе од средината на ноември. „Жолтите елеци“ почнаа како протест против зголемувањето на даноците на горивото, а се претворија во општо незадоволство од политиките на Макрон.