Македонскиот заменик министер за правда – Оливер Ристовски, потврди дека Србија немала обврска да го задржи или уапси Никола Груевски додека поминувал низ Србија, пишуваат српските медиуми, цитирајќи го интервјуто на Ристовски дадено за српски „Политика“.
Во интервјуто, Ристовски укажал на фактот дека за Груевски немало распишано меѓународна потерница.
„Колку што мене ми е познато, ниту еден официјален претставник од Владата на Република Македонија не упати критики кон Србија, ниту пак побара објаснување зошто Груевски не бил уапсен“, рекол Ристовски.
Тој не сакал да ги коментира, како што се изразил, новинарските шпекулации, личните ставови на поединци и написите на друштвените мрежи.
„Повторувам, ниту една од соседните држави низ кои поминал Груевски, пред да биде распишана меѓународна потерница, не била должна, ниту пак смеела да го уапси за дела кои се направени во Република Македонија. Не знам зошто воопшто тоа би било предмет на дискусија“, рекол Ристовски.