Познат главниот изведувач на новогодишната ноќ, Шилегов најавува незаборавна вечер на плоштад „Македонија“

Неколку домашни пејачи, рок бенд од Косово, а потоа и диџеј ќе ги забавуваат скопјани пред и по главниот настап на новогодишната ноќ на плоштадот Македонија. А главниот настапувач ќе биде една од најголемите југословенски поп-рок групи – хрватскиот рок бенд „Парни ваљак“, соопштија скопскиот градоначалник Петре Шилегов и Никола Љушев – главниот извршен директор на „Македонски телеком“, која е спонзор на настанот.

„Мојот драг пријател Аки со задоволство ја прифати оваа понуда. Имајќи предвид дека тој долго време живеше во Скопје и дека овој град има посебно место во неговото срце, со сигурност можам да кажам дека новогодишна вечер во нашиот главен град ќе биде посебна за него и незаборавна за сите нас“, најави Шилегов, истакнувајќи дека и неговото лично присуство таму е загарантирано, зашто не би пропуштил настап на „Парни ваљак“.

Како што најави градоначалникот, од утре (сабота) почнува и програмата во новогодишната населба на плоштадот „Винтерленд“. Преку ден ќе има програма за деца, а навечер ќе настапуваат домашни бендови. Од утре почнува со работа и лизгалиштето на плоштадот, а ќе биде поставен и топ за вештачки снег.

Годинава, за украсување на градот, вкупно се потрошени 230.000 евра, заедно со огнометот што со кој на полноќ ќе биде означен почетокот на новата година. „Сумата е малку поголема од минатите години“, објасни Шилегов, зашто со украсувањето се опфатени повеќе улици. Од друга страна „Винтерленд“ ќе нé чини околу 90.000 евра.

- Реклама -