Еден месец откако Крсто Мукоски излезе од притвор и гласаше за уставните измени, фирмата што ја води неговиот брат Бобан Мукоски – „Атриум“, добива тендер вреден над 680.000 евра од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, или АДСДП (поранешен ПУИК), а се однесува на градежни работи на повеќе канцеларии и простор на агенцијата. „Атриум“ и на претходниот тендер за истата намена имала понуда, но во април оваа година тој бил поништен поради пропусти во постапката, стои на сајтот е-набавки, објави „Телма“.
Од 2015-та наваму ова е четвртиот тендер што семејната фирма на Мукоски го добива од АДСДП, а нивната вкупна вредност е 3.5 милиони евра, пишуваат македонските медиуми.
Со овој последен тендер, „Атриум“ годинава добива вкупно пет државни тендери во последниве пет месеци, со вкупна вредност од 950.000 евра, т.е. над 58 милиони денари. Податоците се јавни и се впишани на сајтот на Бирото за јавни набавки, пренесува „Телма“. Во бизнис портфолиото на компанијата се и тендери со министерство за образование за реконструкција на училишта, енергетско ефикасни училишни фасади за Град Скопје, а градела и прифатилишта за бездомни кучиња за Гевгелија и Струмица, пренесува „ТВ24“.
Проблемот е што токму против таа фирма во тек е предистражна постапка за тендерот за варосување и дополнителни градежни работи на скопскиот стадион пред одржување на европскиот супер куп и натпреварот на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, поради сомнежи дека зад итноста на постапката за стадионот се кријат високи и напумпани цени за фарбање на квадрат ѕид и за градежни преправки, пренесува „Телма“. Оттогаш беше обелоденето и дека семејната фирма на Мукоски фарбала ѕидови на државни згради по цена од 5 евра за квадрат, иако пазарните не беа ниту евро по квадрат, потоа менувала паркет за 95 евра за квадрат, додека таа услуга на пазарот беше околку 15 евра. За стругање и лакирање на паркет кеширала нешто помалку од 50 евра, услуга која на пазарот чини 8 евра и тоа со вклучен материјал. И овие бизниси тешки околу 3.5 милиони евра биле склучени исто така со Државната станбена компанија, пренесува „ТВ24“.
Владата лани во септември побара од МВР истрага за сите штетни договори на вевчанската фирма со државното претпријатие АДСДП. Досега финансиската полиција има побарано и добиено документација за тендерот од ПУИГ, од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Но и покрај тоа што е под истрага, компанијата не е на листата фирми со негативни референци и нема никаква законска пречка за учество на тендери.
За зделките на „Атриум“ со АДСДП, пишува „Фактор“. За сето тоа време директор на државното претпријатие е Цветко Грозданов, близок пријател на пратеникот Крсто Мукоски, пишува порталот. Последниот е склучен со М-р Кристијан Трајковски – актуелниот директор на АДСДП. Според официјалните податоци, заклучува порталот, фирмата „Атриум“ за 5 години добила тендери вредни вкупно 5 милиони евра од државниот буџет.
Пратеникот Крсто Мукоски – кој според медиумите е еден од основачите на „Атриум“, сега е член на независната пратеничка група која се оддели од ВМРО-ДПМНЕ и гласаше за уставните измени. Тој е еден од обвинетите за настаните од „крвавиот четврток“ – се смета дека тој е пратеникот што ги отвори вратите на Собранието на 27 април.