Семејството на Сабина Селимовиќ, која со само 15 години побегнала од семејниот дом во Виена и ѝ се приклучила на терористичката Исламска држава, планира да ја тужи државата Австрија.
Пред околу 4 години, Сабина, заедно со Сaмра Кесиновиќ (16) побегнала и се приклучила во редовите на ИД во Сирија.
Овие две тинејџерки беа меѓу првите тинејџери кои од Австрија заминаа да се борат/помагаат во Сирија и, разбирливо, кренаа голема медиумска фама во земјата. ИД поради тоа ги користеше во свои пропагандни цели.
Во меѓувреме, се смета дека двете тинејџерки загинали. Сега прв пат во медиумите се обрати мајката на Сабина, која по потекло е од Босна. Во виенскиот „diePresse“ таа најави тужба против државата Австрија.
Сенада Селимовиќ вели дека до ден денес не може да сфати како можела 15-годишната ќерка да ја напушти земјата. Истакнува дека граничната полиција морала да ја спречи Сабина и да ја врати дома. Нејзиниот адвокат се сложува и смета дека граничарите морале да утврдат дали двете девојчиња ја напуштаат земјата без согласност на родител/старател.
Во Австрија, меѓутоа, на малолетниците во основа не им е забрането да ја напуштаат земјата.
За овој случај веројатно ќе мора да одлучуваат највисоките судски инстанци.