На завчерашниот Самит за климатски промени во Катовице, Полска, организиран од Обединетите Нации, еден мал детал помина прилично незабележано – претседателот Ѓорге Иванов седеше зад табличка на која пишуваше само „Република Македонија“.
Со оглед дека во Обединетите Нации Македонија е примена под привремената референца, изоставувањето на „Поранешна југословенска…“ (или на англиски – „The Former Yugoslav…“) на прв поглед делува доста сомнително. Но ако се погледне малку подобро, јасно станува дека ова е масло на самиот Ѓорге Иванов, кој со парче хартија го покрил горниот дел од таблата, оставајќи го видлив само делот „Република Македонија“, доволно за барем на фотографијава тој да биде претседател на Република Македонија која не е „поранешна“ или на било кој начин „географски прецизирана“.
Во рамки на својата посета на Полска, Иванов одржа и предавање на универзитетот во Вроцлав, во кое истакна дека „Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и од правото на самоопределување“.
via Expres.mk