Случајот на еден британски веган кој добил отказ на работа покрена правна дебата за тоа дали на веганството може да се гледа како на вера, односно облик на „филозофско уверување“, и дали во таков случај би требало да добие законска заштита.
Џорди Касамитјан работел во Лига против груби спортови (League Against Cruel Sports) – хуманитарна организација за заштита на животните, кога на свое големо изненадување открил дека парите на организацијата од пензиските фондови влегуваат во фирми кои своите производи ги тестираат врз животни. Џорди сметал дека тоа е голем скандал, па го изразил својот простест кај своите надредени. Тие не реагирале, по што Џорди самостојно ја проследил информацијата до сите вработени во организацијата. Поради тоа бил отпуштен.
Џорди тоа го сфаќа вака: Отпуштен е бидејќи е веган. Спротивно од тоа, работодавецот тврди дека отказот е поради непочитување на правилата на компанијата.
Спорот најпрво ќе го разгледува комисијата за работнички спорови, а ако утврди правна основа, случајот ќе се пресели на суд. А тоа би имало огромно значење за веганите ширум светот и нивните права на работните места.
Џорди е „етички веган“
Некои јадат веганска храна само поради здравјето и не ги интересира заштитата на животните и животната околина. Меѓутоа, другите вегани се грижат и за животните и за животната околина, и за здравјето, и за сé, вели Џорди. Затоа тој – како припадник на втората група, себеси се нарекува „етички веган“. Смета дека веганството е верување кое влијае на сите аспекти на неговиот живот.
„Обичните“ вегани и етичките вегани имаат јадат иста храна, но етичките притоа и избегнуваат било каков вид на искористување на животните, на пример: не носат облека од волна или кожа и не користат производи кои се тестирани на животни; избегнуваат зоолошки градини; своите животни не ги викаат домашни миленици, туку „следбеници“ итн.
„Религија или уверување“ е една од карактеристиките заштитени од дискриминација
„Религија или уверување“ е една од деветте заштитени карактеристики во Британскиот закон за еднаквост од 2010-та година, покрај: раса, пол, сексуална ориентација, род, брак, години/возраст, инвалидност и бременост. Според истиот, незаконито е работодавец директно или индиректно да дискриминира или полошо третира вработен поради неговата религија или уверувања.
Затоа е важен случајот на Џорди Касамитјан; ако успее во својата борба, тоа ќе значи признавање на заштитен статус за етичките вегани, вели неговиот адвокат Питер Дејли, а тоа би можело да има и големи последици по веганите ширум светот.
„Тоа понатаму би можело да се користи како основа за борба против дискриминација на веганите на работното место, и затоа ова е значаен случај“.
„Оваа пресуда би значела препознавање на важноста на веганството, но и потврда дека потребите на веганите на работното место и во секојдневниот живот мораат да бидат земени сериозно“, вели Луис Дејвис од Британското здружение на вегани.
Големи опасности
Од друга страна, Ник Спенсер од институтот Teos, кој се бави со дебатата за религијата во општеството, предупредува и на големи опасности:
„Иронијата во ова е што правата би требало да даваат поголема слобода, но ако сите се свртиме еден против друг, моите права против твоите, судот ќе мора да одлучува за сите наши разлики, што може да биде штетно за сите“, вели тој.
Џорди Касамитјан, пак, наведува дека многупати бил дискриминран поради своите вегански ставови. Вели дека „важно е за сите вегани да знаат дека се заштитени и дека никој нема да им рече „замолкни“ ако сакаат да зборуваат за веганството. Важно е законот да ги штити веганите, заклучува Британецот.