„Владата предводена од СДСМ, заедно со сите надлежни институции активно работи на надминување на долгогодишниот проблем со аерозагадувањето. Првите подобрувања се видливи и охрабрувачки“, се вели во соопштението на СДСМ.
„Како што јавно обелодени Министерството за животна средина и просторно планирање, во 2018 година постои намалување на бројот на деновите со надмината дозволена загаденост од 50 микрограми, споредено со 2016 и 2017 година.
Според просекот од сите мерни станици во Македонија, во периодот од први јануари до 30 ноември 2018 година, регистрирани се 88 загадени денови, што е благо намалување во однос на 2016 и 2017 кога бројот на загадени денови бил 99.
Поединечно по мерни станици, значителен напредок има во Тетово, каде што во 2016 година имало 273 загадени денови, во 2017 115, а во оваа 2018 година бројот на загадени денови изнесува 105 денови.
Во Битола, на првата мерна станица, минатата година имало 105 загадени денови, а годинава 65. Намалување на деновите на загадување има и во другите населени места, како Карпош, Центар и др.
Ова се охрабрувачки резултати што мотивираат во борбата против аерозагадувањето. Претстои уште работа и затоа, Владата предводена од СДСМ, надлежното министерство, општините и сите останати засегнати институции постојано преземаат мерки за справување со загадениот воздух, со крајна цел, загадувањето за две години да биде намалено за 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во цела Македонија“, стои во соопштението.