До моментов на Земјата има над 7.66 милијарди луѓе. Популацијата секојдневно се зголемува за нови 230.000 луѓе.
Секој ден на планетава се раѓаат по околу 400 илјади деца. Смртноста на дневна основа се движи околу 170 илјади луѓе.
За прирастот на население не може да се зборува без да се спомне недостаток на храна и чиста вода за пиење. Во моментов во светот има над 830 милиони луѓе кои гладуваат. Околу 30 илјади умираат секој ден од глад. Истовремено, над 1.6 милијарда луѓе се со прекумерна тежина, а САД, на пример, издвојуваат 500 милиони долари дневно за борба против болестите што произлегуваат или се поврзани од прекумерната тежина.
Уште отприлика толку немаат пристап до чиста вода за пиење – 850 милиони. Таа бројка постојано расте.
И покрај овие поразителни бројки, населението на Земјата продолжува вртоглаво да расте. Во последно време сé повеќе повторно се говори за регулација на светското население во насока на спречување на пренаселеноста на планетата.
А да видиме како стигнавме до овде:
• Првата милијарда човечката популација ја достигна некаде околу 1800-тата година
• Втората ја достигнавме за помалку од 130 години подоцна – некаде околу 1930-та
• Третата милијарда ја достигнавме за околу 30 години, во 1960-та
• Четвртата милијарда ја достигнавме за 15 години, во 1974 година
• Петтата милијарда ја достигнавме за уште пократко, за 13 години, во 1987-ма
• Шест милијарди нé имаше за 12 години, во 1999-та
• Повторно следуваше прираст од 1 милијарда за 12 години, па 7 милијарди станавме во 2011-та…
Очекувањата се дека тенденцијата на прираст од 1 милијарда на секои 12 години ќе продолжи и до 2023 година, кога веќе ќе сме 8 милијарди луѓе на планетава.
По таа точка, ќе настапи пресврт во тенденцијата на прираст, т.е. населението ќе продолжи да расте, но со забавено темпо – за секоја нова милијарда ќе биде потребно сé повеќе и повеќе време. Проценките се дека во 2037-та ќе стигнеме 9 милијарди (од 8 до 9 милијари ќе ни требаат 14 години), а во 2055-та ќе заокружиме на 10 милијарди (од 9 до 10 милијарди ќе ни требаат 18 години). Според некои симулации, популацијата се очекува да го достигне пикот при бројката од 10-11 милијарди, а потоа бројот на население да започне да опаѓа.
Дефинитивно тоа се очекува од стапката на прираст на населението. Во 2018-та прирастот е со околу 1.09% на годишно ниво. Таа тенденција се очекува да се намалува, а во 2100-та да биде сведена на 0.09%.