Еден од најнеобичните хотели на светот и официјално ги отвори вратите. Се работи за InterContinental Shanghai Wonderland, попознат како Deep Pit („Длабока јама“). Необичноста, заедно со таквиот надимак на хотелот, произлегуваат од неговата необична локација – изграден е во 88 метри длабока јама во Шангај – остаток од поранешен каменолом. Поради тоа хотелот се смета и за модерно архитектонско и инженерско чудо.
Хотелот бил граден речиси четири години, а најголемиот дел од него се наоѓа под површината на земјата. Два од вкупно 17-те спрата се под вода. Располага со 336 соби поделени во три категории – класични, бизнис и апартмани. Апартманите имаат најдобар поглед на вештачкиот водопад со транспарентно стакло вграден во средишниот дел на хотелот.
Еден од најголемите предизвици при изградбата било тоа да се спречи поплавување на јамата. На изградбата работеле вкупно 5.000 архитекти, инженери, дизајнери и градежници.
А да, во случај да не забележавте од фотографиите, хотелот нуди луксуз од 5 ѕвезди, а цените се движат од 490 долари па нагоре.