Во мртов кит најдени 115 пластични чашки, 4 шишиња, 2 влечки… и куп друга пластика

Еколозите, а ние со нив, имаме зошто да бидеме загрижени. Од Индонезија ни стигнува уште еден индикатор, можеби посериозен од било кога, за ужасната ситуација со пластиката и алармантното загадување на океаните и морињата.

На брегот на Индонезија, во понеделникот вечерта, водата исфрлила труп на мртов кит со големина од 9.5 метри. Истражувачите од невладината глобална организација за заштита на животните и природата – World Wide Fund (WWF), заедно со колегите од индонезиската академија за заштита на живиот свет, во китот нашле вкупно околу 5.9 килограми пластичен отпад. Меѓу нив имало 115 пластични чашки, 4 пластични шишиња, 25 пластични кеси, 2 влечки, најлонска вреќа и уште околу 1.000 други парчиња пластика.

Иако поради напредната фаза на распаѓање не може да се утврди дали пластиката е причина за смртта на китот, велат истражувачите, откритието е навистина ужасно и алармантно, и крајно време е да ја зголеми еколошката свест околу пластиката, кај сите.

„Толку сум тажен што го слушам ова“, вели Координативниот министер за поморски прашања на Индонезија – Лухут Бинсар Пандџајтан, кој неодамна водеше кампања за намалување на употребата на пластика. „Можно е и многу други морски животни да се контаминирани со пластичен отпад и ова е многу опасно за нашите животи“.

Индонезија – архипелаг со околу 260 милиони жители, според студијата објавена во „Science“ во јануари, е вториот најголем светски загадувач со пластика после Кина. Произведува околу 3.2 милиони тони неискористен пластичен отпад годишно, а од нив околу 1.29 милиони тони завршуваат во океанот.

 

- Реклама -