Бездомникот што ѝ помогна ја тужи жената што му помогна зашто сите всушност биле измамници

Пред година и нешто, светот го обиколи трогателната приказна за бездомникот Џони Бобит кој со своите единствени и последни 20 долари ѝ купил гориво на Кејт Меклур кога заглавила со празен резервоар на некој си автопат во Филаделфија. Веста беше инстант хит и стопли многу срца кои природно посакаа да донираат и да му помогнат на Бобит да се тргне од улиците. Воодушевена од фидбекот, а во знак на благодарност, Меклур и нејзиниот дечко Марк Д’Амико отворија GoFundMe кампања за донации со цел да му соберат 10.000 долари на Бобит за да може да си обезбеди кров над главата. Ама таква приказна не проаѓа туку така, па добродушните читатели донираа вкупно 400 и кусур илјади долари, од кои после разните давачки, 360.000 требало да останат за бездомникот.

Арно ама, сегашниот исход е многу поинаков: И тројцата си имаат обвиненија за измама, а Меклур и Д’Амико веќе се пријавиле во полиција. Испадна дека целата работа била наместена; Знаејќи дека вакви приказни лесно стануваат вирални, Кејт му ги дала 20-те долари на бездомникот токму со намера да ја исценираат приказната и потоа да отворат GoFundMe кампања за да собираат пари од наивните овчички по интернет. Освен тоа, според обвинението, свесно криеле информации што можеле да ги пишманат донаторите од донирање.

Работава почна да се расветлува кога по неколку месеци од собраните средства, се појави информација дека Бобит пак или сé уште е бездомник. Работата стигна до суд – тој ги тужел Кејт и дечко ѝ дека не му дале огромен дел од парите, дека го блокирале неговиот пристап до сметката, и дека наместо тоа ги трошеле за свои лични потреби, од типот на патувања, коцка и луксузен автомобил. Тие пак, го обвиниле Бобит дека е наркозависник и дека 25-те илјади долари што му ги дале, како и разните предмети што им ги украл, ги потрошил на дрога, и тоа за помалку од две недели. Сепак судот пресудил целата преостаната сума од кампањата да му биде дадена на Бобит, на што Д’Амико (дечкото) вратил дека попрво парите би ги запалил отколку сите да му ги дадат на наркоман…

Во последниот расплет на настаните, судот открил дека сите пари се повлечени од сметката, а понатамошната истрага открила дека целата работа била договорена од тројцата заедно. Ако нас нé прашате, веројатно Бобит самиот признал откако сфатил дека веќе нема да види ни долар од парите. Нема информација дали и тој се предал на полицијата.

Повеќе детали ТУКА и/ли ТУКА.

 

- Реклама -