„Посветено на 25-те орангутани кои ги губиме секој ден“, стои во рекламата на Iceland Foods (британски ланец супермаркети), во која компанијата соопштува дека го исклучува палминото масло од употреба во своите производи, и дека таа мерка ќе важи сé до мигот кога палминото масло веќе нема да биде причина за уништување на дождовните шуми.
Рекламата не добила дозвола за емитување на телевизија бидејќи „пренесувала политичка порака“. Но како и кај сé што е забрането, тоа само придонесе за популарноста на рекламата.
Во рекламата, девојче збунето раскажува како во собата ѝ се населил мал орангутан. Раскажува како ѝ ги зема играчките, како ѝ ја растура собата, како ‘ржи кон нејзиниот шампон (бидејќи содржи палмино масло).
Орангутанот ѝ објаснува дека дошле луѓе во неговата шума и ја убиле мајка му и ги уништиле сите дрва – „за твојата храна и твојот шампон… Ја горат мојата шума за палмино масло, па си помислив да останам кај тебе“, раскажува мајмунчето.
Приказната завршува со тоа што девојчето ветува дека ќе се бори да му помогне и дека ќе ја шири неговата приказна за и другите да се борат да му помогнат. „Иднината сé уште не е напишана, но ќе се погрижам да е наша (заедничка)“.
„Оваа година нашата божиќна реклама нема да ја видите на телевизија. Но овој Божиќ ние сакаме да ја споделиме нашата ‘Не за палминото масло’ приказна“, велат од Iceland Foods во описот на видеото, кое веќе има над 3.7 милиони прегледи.