Блиска средба: Руски ловец пресретнал американски разузнавачки авион (ВИДЕО)

Американската морнарица објави снимка на која е прикажано, цитираме, „небезбедно пресретнување на американски разузнавачки авион од страна на руски ловец над Црно Море“.

„На 5. октомври 2018-та, американскиот авион EP-3 Aries koj леташе во меѓународниот воздушен простор над Црно Море беше пресретнат од руски SU-27. Оваа интеракција беше окарактеризирана како небезбедна, со оглед на тоа што рускиот SU-27 прелета со голема брзина директно пред американскиот авион, изложувајќи ги на ризик пилотите и посадата“, се вели во соопштението.

Од американската морнарица додаваат дека рускиот авион потоа уште еднаш прелетал до американскиот, овојпат активирајќи ги издувите (afterburners) додека вртел на десно одалечувајќи се. По блиската средба, екипажот на американскиот EP-3 пријавил турбуленции. Сé на сé, контактот со рускиот ловец траел околу 25 минути.

Иако руската војска има право да вежба во меѓународен воздушен простор, наведуваат од американската морнарица, оваа интеракција била неодговорна.

„Очекуваме да ги почитуваат меѓународните стандарди поставени за да осигураат безбедност и превенција од инцидентит, вклучително и договорот од 1972 година (INCSEA, т.е. Agreement for the Prevention of Incidents On and Over the High Seas). Небезбедните дејствија го зголемуваат ризикот од лоша пресметка и потенцијалот за судир во воздух“, се вели во соопштението, додавајќи дека американското летало оперирало во согласност со меѓународните закони и на никој начин не испровоцирало руска активност.

Апдејт:

Од руското министерство за одбрана велат дека рускиот SU-27 „одржувал безбедна дистанца од американскиот EP-3“, како и дека екипажот на ловецот известил за идентификувањето на американскиот електронски разузнавачки авион, и потоа го придружувал за да спречи нарушување на руската граница, истовремено следејќи ги сите безбедносни правила и насоки.

Од руското министерство истакнуваат дека американските разузнавачки авиони често „ѕиркаат“ преку руските граници, па затоа е очекувано што ги предизвикуваат руските воздушни сили да се осигураат дека границите не се поминати.

„А сепак“, велат од министерството, „Пентагон постојано се жали на дејствијата на Москва, тврдејќи дека руските пилоти  летаат во непрофесионален или небезбеден манир“.

На 1. ноември, пак, од руското МО истакнаа дека 17 странски авиони и беспилотни летала (UAVs) извршиле разузнавачки мисии близу руските граници за само една недела. Воени авиони биле испратени во четири прилики за да се спречи нарушување на воздушниот простор на Русија, пренесува Russia Today.

 

- Реклама -