Британскиот авантурист Рос Еџли стана првиот човек кој испилива цел круг околу Велика Британија, во должина од 2.865 километри – рута која е позната како Great British Swim и за која се верувало дека е неможно да се исплива, не само поради студената вода, туку и поради сите попатни предизвици што ги носи крајбрежјето на островот. Сепак, по пет месеци без да стапне на копно, Еџли триумфално застана на брегот на британскиот град Маргејт.
Еџли има 30 години и доаѓа од Грантам во Линколншир. Потфатот го почна (и заврши) од Кент, на 1 јуни годинава, пливајќи во насока на стрелките на часовникот. Во текот на авантурата ниту еднаш не стапнал на копно. Дневно пливал по 6 часа, а 6 одмарал во чамецот што го придружувал. По пат се борел со силни струи, стотина убоди од медузи, но и болен јазик нагризан од солената морска вода. За време на својот подвиг, Еџли потрошил околу 500.000 калории, но изел и околу 500 банани, што му овозможило да ја добие енормната количина енергија при ваков физички напор.
Еџли уште во средината на август го собори светскиот рекорд во најдолго пливање на отворено море. Дотогаш истиот му припаѓаше на Французинот Беноа Лекомт, и изнесуваше 73 дена. Лекомт денес живее во САД, а во 1993 година го преплива Атлантскиот океан, препливувајќи 6.400 километри од Масачусетс до Франција.
Што се однесува до Еџли, има трчано маратон влечејќи кола, а има и испливано 60 милји влечејќи дрво.