Човечки остатоци се пронајдени во амбасадата на Ватикан во Рим, а медиумите шпекулираат дека се работи за исчезнато девојче од пред 35 години.
Деловите од коските се пронајдени при извршување на градежни работи на амбасадата на Ватикан во Италија, во близина на познатиот музејски комплекс Villa Borghese. Од Ватикан соопштуваат дека експертите веќе работат на случајот и се обидуваат да ја одредат староста и полот на посмртните останки, како и датумот на смртта на лицето на кое му припаѓаат.
Италијанските медиуми шпекулираат дека се работи за ќерката на еден од вработените во Ватикан, која мистериозно исчезнала во 1983-та година. Имено, исчезнувањето на 15-годишната Емануела Орланди е поврзано со организираниот криминал, поточно со обидот присилно да се изнуди ослободување од затвор на Мехмет Али Агџа – турскиот атентатор кој се обиде да го убие папата Јован Павле II во 1981 година.
Братот на исчезнатата Орланди со децении водеше кампања за да дознае што се случило и за откривање на вистината. Тој го обвинува Ватикан дека потфрлил во целиот тој случај.
Меѓутоа, уште една 15-годишна девојка исчезнала во 1983 година во Рим, само 40 дена пред Орланди – се работи за Мирела Грегори (лево на сликата подоле), пренесуваат медиумите.
Оваа девојка преку интерфон ја отворила влезната врата во зградата во која живеела нејзиното семејство, а на родителите им рекла дека ѝ доаѓа ученик. Им рекла дека ќе излезе да разговара со него, и тоа е последен пат кога Грегори е видена.
Детективите не ја отфрлаат можноста дека двата случаи се поврзани.
По пронаоѓањето на остатоците од коските при реставрацијата на дел од просторот, ватиканската жандармерија ги известила италијанските власти и покрената е истрага.