Популацијата на диви животни бележи алармантен пад од дури 60% во период од 44 години, т.е. во периодот од 1970-та до 2014-та, се вели во извештајот на Светскиот фонд за природа, насловен „Жива планета“, а изработен во соработка со лондонските зоолошки друштва. Планетата бележи драматична и континуирана загуба и промени во биодиверзитетот, предупредува документот.
Директорот на фондот – Марко Ламбертини, вели дека зачувувањето на природата треба да се сфати како нешто многу поопширно од само тоа да се заштитуваат тигри, панди, китови…
„Не може да постои здрава иднина за луѓето на планета со пореметена клима, исцрпени океани, уништена почва и опустошени шуми, на планета лишена од биодиверзитет“, предупреди тој.
Во 10-от извештај на „Жива планета“, забележано беше намалување на популацијата од 58%, што заедно со податоците од последниов извештај, значи дека ситуацијата уште повеќе се влошува. За потсетување, научниците сметаат дека на планетава има околу 8.7 милиони живи видови, што алудира дека падот во популацијата од 2%, изразен во бројка, е всушност огромен.
Пад во популацијата на животинскиот свет има на целата Земја, но одредени региони се посебно загрозени. Меѓу нив е и тропскиот појас. Во Јужна Америка и на Карибите, опаѓањето на популацијата на животни е застрашувачка – дури 89% во анализираниот период од 44 години. Во истиот период исчезнале 31% од фауната во области на Европа, Северна Африка и Блискиот Исток, а 23% од фауната во Северна Америка и Гренланд.
Во истражувањето се следени 4.005 разни видови птици, риби, цицачи, водоземци и влекачи.
На намалувањето на биодиверзитетот, особено денес, најмногу влијаат претераното искористување на ресурси и агрикултурата, а кои се должат на зголемата потрошувачка кај луѓето. Ефектите од нив се манифестираат во вид на намалување на природните живеалишта, зголемено загадување и климатски промени, а сето тоа резултира со намалување на дивата популација на планетата.